Естонија отвора „електронска амбасада“ во Луксембург

Оваа балтичка држава следната година ќе ја отвори својата „електронска амбасада“ во Луксембург каде ќе чува резерви на своите државни податоци.

Modern interior of server room in datacenterВладата на Естонија го одобри отворањето на првата амбасада за чување на дигитални државни податоци во Луксембург. Станува збор за добро обезбедена сала со сервери кои содржат важни информации за Естонија кои ќе бидат достапни само кога државниот компјутерски систем нема да работи.

Во оваа „амбасада“ ќе се наоѓаат државни податоци и податоци за компании, банки, пензии, закони, пописи, државјанства и финансии.

Естонскиот премиер, Јури Ратас, неодамна изјави дека сигурноста на податоците и сајбер безбедноста се од клучно значење за стекнување на доверба кај граѓаните и доброто функционирање на државните служби. Тој заедно со премиерот на Луксембург, Гзавиј Бетел, минатиот месец потпиша договор за стартување на проектот.

Според зборовите на премиерот, станува збор за првата „амбасада на податоци“ во светот. Државата со само 1,3 милиони државјани, поради големата желба да ги применува најновите технолошки достигнувања по што е прва во Европа, веќе ја нарекуваат Е-стонија.

Најголемиот дел од државните услуги се достапни на посебен портал, а електронското гласање на избори е воведено уште од 2005 година.

Во Естонија се наоѓа и Центарот за електронска безбедност на НАТО во кој западноевропски и американски експерти работат на сајбер безбедноста на сите 29 земји членки на алијансата.

(n1info.com)

SHARE