Првата македонска крафт-пиварница “Темов“ со нови планови – следува производство на виски!

- Advertisement -

Првата македонска крафт пиварница „Темов“ произведува 17 различни пива, од најсветло до најтемно

Богатство на вкусови и бои се произведуваат во првата крафт пиварница во Македонија, „Темов“. Микро капацитетот е семеен бизнис, кој започна пред повеќе од 7 години со Пивницата „Стар град“, сместена во Старата скопска чаршија. Идејата на сопственикот Пане Темов, била еден ден тука да се произведува пиво, по примерот на малите крафт пиварници во западна Европа. Темов раскажува за лајт мотивот кој го води изминативе години „ние не произведуваме пиво за масовна употреба, туку за вљубеници во пивото кои ја разбираат пивската култура и уметност, поточно за луѓе како нас“. Соништата и идеите на Пане не застануваат тука, па тој специјално за „Иновативност“ го најавува и својот следен проект, првата дестилерија за виски во Македонија.

Пиво со вкус на ѓумбир, јагода, лимон, тиква, светли, темни или црвени пива, изборот за секој љубител на добрата капка во првата микро пиварница во Македонија, „Темов“ е огромен. Сместена во јадрото на Старата скопска чаршија пивницата „Темов“, во која се наоѓаат и производните капацитети на пиварницата, е уникатно доживување за секој турист, но и за секојдневните минувачи. Тука се раскажува приказната за пивото, но и за македонската историја.

- Advertisement -

Имињата на пивата, како „Гоце Делчев“, „Скендербег“, „Чаршиско“, „Кале“,…го потенцираат, не само богатството на вкусови и бои кои ги нудат пивата на „Темов“, туку и богатството на приказни кои, во стотиците години постоење, ги раскажала нашата чаршија.

Пиварницата „Темов“ во моментов произведува 17 различни Пилснер, АЛЕ и пченични пива, од најсветли до најтемни, по свои уникатни рецепти, или како што вели сопственикот Пане Темов, рецепти избалансирани после многу испиени чаши пиво. Првата крафт пиварница во Македонија постои неколку години, но првите литри пиво потекоа пред два месеци.

- Advertisement -

„Приказната и желбата за правење пиво почна пред многу години, за време на моите патувања низ светот, во земји каде што овие крафт пиварници се многу вообичаен бизнис, најчесто семеен. Веќе неколку години размислував на таа тема, почнавме и со некои инвестиции, но проиводството започна пред два месеци, кога се создадоа законските услови за тоа кај нас. Пивницата во Старата скопска чаршија беше отворана со цел да се прави пиво. Планираме наскоро во центарот на Скопје да отвориме нов локал, и тогаш старата пиварница ќе биде производствен погон и бар за дегустација“, вели Темов.

Со новата законска регулатива, донесена пред неколку месеци, во Македонија се отвори патот да работат мали пиварници, кои ќе произведуваат мали количини пиво, по свои иновативни рецепти. Во моментов капацитетот на првата пиварница „Темов“ е до 100 тони годишно, но, како што најавува сопственикот Пане, во следните две години ќе се зголемува и капацитеот и бројот на нови вкусови.

- Advertisement -

Иновација и едукација

„Имаме многу рецепти, но до совршената рецепта се доаѓа со многу проби, важно е колку пиво ќе свариш, но и колку пива ќе испиеш“, го открива своето искуство Пане Темов.

Секој нов вкус е направен со предходно истражување на пазарот и вкусовите на нашите потрошувачи. Оригиналните и иновативни вкусови се освежување за нашите љубители на пивото, но нивните барања се и специфични и се базираат на традицијата во Македонија да се пие питко и вкусно пиво, не многу различно од тоа што сега го има.

„Оригиналните вкусови на некои од нашите пива се многу појаки од оние кои ние ги правиме. Англичаните на пример пијат многу поинтензивни и појаки пива, за разлика од кај нас. Некои од пивата се служат на повисока температура, а кај нас се знае дека секој бара ладно пиво“, вели Темов.

Заради тоа, стратегијата на малата пиварница е постепено да воведува нови вкусови, но истовремено и да ги едуцира своите клиенти. Тие веќе имаат оформен вкус, но сакаат да пробаат и нешто ново. Откривајќи ги новите пива тие и ќе се едуцираат, па во иднина ќе знаат точно што сакаат.

Суровините за производството се набавуваат во Германија, а мал дел и од Словенија, Хрватска, и САД, во зависност од видот на пивото.

„’Темов’ пиварницата е мала според капацитетот, но има се` што има една најголема и најсовремена пиварница со автоматизиран процес на производство. Ние веруваме во германскиот закон за чистота на пивото, и според него во нашите пива има само 4 основни состојки, јачмен, хмељ, квасец и вода, без додадени шеќери, бои, конзерванси“, нагласува Темов.

Во моментов се произведуваат 17 различни видови пиво, кои ги создаваат еден технолог и четворица пивари. За вкусот одлучуваат сите заедно, откако ќе ја пробаат првата чаша. Освен во пивницата „Стар град“, пивата се продаваат и во месарниците „Поповски“, а во иднина ќе ги има и во „Гранап“, „Тинекс деликатес“, „Рептил. Темов вели дека нема да инсистираат нивните производи да се продаваат во широката малопродажна мрежа. Ги има и во неколку ресторани, „Два елена“, „Чардак“, „Ветер и магла“ и „Кафе Комедија“.

„Целта ни е да направиме пиво што луѓето ќе го сакаат. Ако никој не се врати по вторпат да проба нов вкус, тогаш тоа не е успех. Го сакам пивото и знам да раскажам приказна за него. Во бизнисот сум со децении, знам дека луѓето почитуваат нешто ново, ама бараат и квалитет. Оваа приказна ќе постои уште долго, ќе се развива како семеен бизнис за моите деца и за нивните деца“, вели Темов

Дестилерија за виски, нов предизвик на Темов

Првото македонско виски ќе се произведува во Дојран, најавува Пане Темов. Во моментов во тек е изградбата на дестилеријата во Дојран, на самата граница со Грција. Идејата е повторно донесена од искуствата на западноевропските метрополи, каде што мали дестилерии има на секој чекор. Инвестицијата е на семејството Темови, а за набавката на опремата се очекува и помош од ИПАРД. Првите количини македонско виски ќе бидат произведени во Скопје, но веднаш ќе заминат во дестилеријата, каде што ќе се складираат во дабови буриња.

„Вискито мора да стои најмалку 3 години, за да биде вистинско виски. Ние ќе продаваме и помладо, но ќе има и виски кое ќе биде стари и над 5 години. Подготвени сме за нови предизвици во кои ќе уживаме заедно со нашите потрошувачи,“ потенцира Темов.

Сподели!
- Advertisement -