„Деловен појадок“ – нов проект на Организацијата на работодавачи на Македонија

    Главната цел на проектот е размена на мислења и идеи од кои ќе произлезат предлози за измени и дополнувања на законската регулатива во областите кои се од интерес на членките на ОРМ и на работодавачите во Република Македонија

    FOTO_ORM_2 (600x403)Oрганизацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) започна со реализација на серија тематски состаноци во рамки на новиот проект наречен „Деловен појадок“, чија главна цел е размена на мислења и идеи од кои ќе произлезат предлози за измени и дополнувања на законската регулатива во областите кои се од интерес на членките на ОРМ и воопшто на работодавачите во Република Македонија, а ќе овозможат подинамичен раст на бизнисот и домашната економија, отворање нови работни места и поголема социјална сигурност на сите граѓани.

    На првиот состанок од овој проект, којшто се одржа денеска во Прилеп, членови на Организацијата на работодавачи на Македонија од компании од Пелагонскиот и Вардарскиот регион разговараа за тоа како може да се унапреди моделот на пријавување на сезонските работници во задолжителното социјално осигурување со што ќе се зголеми социјалната сигурност на овие луѓе и ќе се елиминира плаќањето високи глоби за непријавените работници.

    „Нашите анализи покажуваат дека во Македонија расте потребата од ангажман на сезонски работници кај голем број компании од различни стопански гранки, како што се: земјоделството, угостителството и туризмот, прехранбената, текстилната и другите преработувачки индустрии. Но, истовремено членките на ОРМ укажуваат на потребата од значително поедноставување на моделот на пријавување и плаќање на придонесите за работниците кои се ангажираат на определено време за извршување работи кои имаат сезонски карактер. Во таа насока, ОРМ преку процес на консултации со работодавачите, ќе предложи нов модел за ангажман на сезонски работници, преку т.н. систем на дневни купони (ваучери) за плаќање на придонесите, со што веруваме дека ќе се постигне поефикасна примена на законските одредби за пријавување на овие работници“, објаснува претседателот на ОРМ, Ангел Димитров.

    На состанокот, покрај мислења и коментарите од членовите на ОРМ, беше разгледано и искуството на Хрватска во областа на пријавување на сезонските работници. По завршување на консултациите со работодавачите, ОРМ ќе предложи конкретни измени и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.

    Релизацијата на оваа серија состаноци е дел од поддршката што ја добива Организацијата на работодавачи на Македонија во рамки на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“ кој е финансиран од Европската унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

    Во Организацијата на работодавачи на Македонија членуваат над 1.000 компании од 15 сектори со повеќе од 70 000 вработени. ОРМ е единствената репрезентативна организација на работодавачите од приватниот сектор во земјава која заедно со Владата и синдикатите го сочинува Економско-социјалниот совет, како трипартитно тело за социјално договарање и креирање политики. Истовремено, ОРМ е единствената репрезентативна организација на работодавачи која има легитимитет да преговара и да склучува општ колективен договор за приватниот сектор. Почнувајќи од 2005-та година, мисијата на ОРМ се остварува преку креирање и предлагање мерки, политики и активности во интерс на работодавачите во областите на образованието, инфраструктурата, општествената одговорност, безбедноста и здравјето при работа, трудовата и социјална легислатива, оданочувањето, инвестициите, кредитирањето и казнената политика. Повеќе информации на: www.orm.org.mk.

    SHARE