Seavus инкубатор: следниот европски „еднорог“ дефинитивно може да биде од Македонија!

     

    Македонската компанија Seavus пред неполна година стартуваше инкубатор со мисија да го олесни развојот на претприемништвото, медиумите и креативните индустрии. Крајна цел на Seavus Incubator e преку своите активности да придонесе кон економски развој, поттик на микростопанството, како и поддршка на независното и истражувачко новинарство. Неодамна завршената пред-акцелерациска програма е повод да порасговараме со Игор Изотов и Софија Спировска 

    slika-1
    Игор и Софија со Алан Шаф
    - Сеавус Инкубатор неодамна ја заврши првата пред-акцелерациска програма. Кажете ни што всушност се случуваше во неа, колку стартап компании беа вклучени и како заврши истата?

    Софија Спировска: Предакцелераторската програма траеше 8 недели, и се одржаа 11 предавања на различни теми: развој на стратегија на компанија/производ и бизнис модели, брендинг, маркетинг и продажни стратегии, дизајнирање на корисничко искуство, финансии, работа со инвеститори итн. Имавме 21 стартап односно вкупно 57 учесници кои покрај предавањата, имаа можност за средби со менторите кои ги советуваа за бизнисот. Програмата заврши со т.н. “Demo day” или инвестиционен ден каде сите стартапи заинтересирани за надворешни начини на финансирање ги презентираат своите идеи и продукти пред инвеститори.

    Морам да напоменам дека сме особено горди на сите стартапи кои учествуваа во програмата, бидејќи покажаа дека со вложување во развој на својот бизнис може за многу кратко време да се добијат видливи резултати и заинтересираност од инвеститори.

    - Што ќе се случува со победничките тимови понатаму?

    Игор Изотов: Иако на крајот на денот имавме супер интересни 14 презентации -питчови, а само еден тим беше прогласен за победник, На почетокот на самиот “Demo day” спомнавме дека сите стартапи се победници.

    Слично на големите инвестициони настани, најдобрите пласирани тимови влегоа во инвестициски преговори, односно понуда за подетално разгледување на бизнисот планот, идејата и тимот.

    Исто така, имаше голема заинтересираност од неколку бизнис ангели за одредени стартапи. Со посредство на Сеавус Инкубатор и дополнителна подготовка на дел од тимовите, овие средби веќе стануваат секојдневие во нашиот инкубатор.

    Се надеваме во наредниот период ќе бидат споделени информации за успешни партнерства кои настана како последица на оваа пред акцелератроска програма.  

    - За време на оваа прoгама како ментори успеавте да донесете звучни имиња од светот на претприемништвото како што е Алан Шаф. Како всушност успеавте да стигнете до него? Кои беа неговите оценки и впечатоци за стартап сцената во Македонија?

    Игор Изотов: Сосема случајно дојде до гостување на Алан Шаф во Македонија. Имено преку еден заеднички пријател дознавме дека Алан и неговата свршеница Бријана, која и го придружуваше на ова патаување, имаат зацртана цел да посетат 30 различни држави пред да наполнат 30 години. Како резултат на информација, решивме да стапиме во контакт со Алан уште летото и да му презентираме една интересна можност, а тоа беше да помине 7 дена во Македонија и да сподели мал дел од своето искуство на млади претприемачи и стартапи од нашата пред-акцелераторска програма. На наше големо изненадување, тој прифати и мислам дека македонските стартапи имаа несекојдневна можност барем една недела да другаруваат и учат од еден од најуспешните основачи на мултимилионски стартап. Тука мора да напоменеме дека целото патување беше спонзорирано од ИМЕ програмата на Швајцарската агенција за развој и соработка, имплементирана од Свисконтакт и Фондацијата за одржлив економски развој ПРЕДА Плус, кои работат на подобрување на бизнис климата во Македонија.

    Неговите впечатоци за стартап сцената во Македонија беа повеќе од охрабувачки за нас. Искрено верува дека градиме добра почва за започнување на бизнис и дека има доста интересни идеи кои што ако се работи упорно и темелно може да прераснат во големи бизниси. Беше доста фасциниран од отвореноста на луѓето за своите идеи и подготвеноста на нашите девелопери кои како што спомна може да се рамнат со оние од Силиконската долина. Сè на сè, како што спомна во една прилика, тој и Бријана ја напуштиле Македонија со нови и добри пријатели и прекрасни спомени.

    slika-3-2
    Seavus Инкубатор

     

    - Дали и како продолжува пред-акцелераторската програма во иднина?

    Софија Спировска: Секако дека ќе ја понудиме програмата и следна година, бидејќи како што видовме имаше голем интерес, стекнатно знаење и искуство за стартапите е непроценливо, а сите учесници ја препорачуваат програмата што доволно зборува за нејзината вредност.

    Сè почесто во Сеавус Инкубатор ни доаѓаат млади тимови кои работат на прогресивни идеи и со мало насочување преку вакви програми, сметаме дека следниот европски „еднорог“ (стартап со вредност поголема од една милјарда долари) дефинитивно може да биде од Македонија.

    (Разговараше- Верица Јорданова)

    SHARE