Електричните возови во Холандија ќе работат исклучиво на енергија од ветер

    netherlands-electric-trains-wind-powered-1-1020x610Сите електрични патнички возови во Холандија веќе ќе црпат енергија за работа исклучиво од ветер. Една година пред завршување на дадениот рок, холандската железничка компанија NS најави дека целата нивна флота на електрични возови почна да работи на 100% енергија од ветер од 1 јануари 2017 година, започнувајќи нова ера на „чист“ јавен транспорт.

    Оние кои што промовираат обновлива енергија се надеваат дека овој  успех ќе служи како инспирација за останатите транспортни компании да вклучат возови на ветерна енергија во останатите проекти наменети во индустријата на експресни возови низ светот.

    При крајот на 2015 година, холандската влада најави дека ќе обезбеди ветерна енергија за сите електрични возови во државата во 2018 година. Првите успеси дојдоа уште на почетокот на 2016 година, кога компанијата успеа да обезбеди ветерна енергија за 75% од својата флота на електрични возови, што дефинитивно послужи како инспирација да се достигнат 100% до крајот на годината. Најголемата железничка компанија во Холандија, NS оствари партнерство со енергетската компанија Eneco во 2015 година со цел да започне да користи обновлива енергија за своите возови, кои превезуваат околу 600.000 патници секој ден.

    Електричните возови на NS користат околу 1,2 милијарди килват-часови струја годишно, што е речиси колку целокупната количина на струја која ја користат сите домаќинства во Амстердам. Промената кон обновливи извори на енергија за транспортот во Холандија придонесе да се зајакне имиџот на Холандија како држава која се стреми да ги редуцира емисиите на јаглерод.

    Инаку, струјата која се користи за работа на холандските возови доаѓа од фарми со ветерници од Холандија, Белгија и Финска, многу од нив изградени само во последните неколку години. Поради брзината со која беа изградени овие фарми и пуштени во употреба, холандските електрични возови можеа порано да го започнат функционирањето на ветерна енергија.

    (Inhabitat)

    SHARE