Илијанчо Гаговски:  Placeformer e алатка со глобален потенцијал за брзо истражување на пазарот!

     Интервју со Илијанчо Гаговски, еден од основачите на компанијата PrymApps за иновативните производи  кои ги развива и за големите планови на оваа развојна македонска компанија

    (Разговараше- Верица Јорданова)

    PrymApps е македонска компанија основана 2013 година од тројца партнери со долгогодишно искуство во ИТ индустријата. Со Илијанчо Гаговски, еден од основачите на оваа компанија која неодамна доби признание за извонредност од Фондот за иновации и технолошки развој, разговараме за производите кои ги развива PrymApps и за големите планови на оваа иновативна компанија за освојување на светскиот пазар.

    Ilijanco

    „Концептот за развој на компанијата PrymApps е формиран околу две идеи: Од стратешки аспект, PrymApps е продуктно ориентирана компанија, а од технолошки аспект, нашиот фокус е на развивање cloud базирани апликации.

    Првата определба значи дека не се занимаваме ниту со outsourcing, ниту со систем интеграција, туку со развој на сопствени производи, според нашите согледувања на пазарот. Технолошки, определени сме за развој на cloud платформата на Мајкрософт – Azure.

    Временски, ваквата определба значи дека сме подготвени на долг инвестициски циклус, кој на среден рок треба да донесе присуство на глобалниот пазар и соодветни заработки“, вели Гаговски.

    Инаку, PrymApps  има два производи, Placeformer и BreezeHRM.

    Placeformer е платформа за crowrwsourced market research data collection, додека BreezeHRM ( го развиваат со партнери од Словенија и Србија), е платформа за менаџирање со човечки ресурси.

    3a

    - Неодамна од Фондот за иновации добивте признание за извонрeдност. За кој производ конкретно го добивте признанието и каква е улогата на ФИТР во неговото креирање?

    Наградата од ФИТР ја добивме за Placeformer, производ за кој добивме и финансиски средства од Фондот за иновации и технолоши развој во нивниот прв повик. Идејата на Placeformer е да се овозможи на поголем број на компании да направат сопствено истражување на пазарот, на тој начин што тој процес ќе го поедноставиме и поевтиниме. Во моментов, само големите компании можат да си дозволат да направат посериозно истражување на пазарот.

    Со Placeformer, идејата е секоја компанија да може да ангажира истражувачи кои се подготвени да излезат во реалниот свет и да добават информации кои можат да се најдат само ако сте физички присутни на терен, а не можат да се најдат преку обично пребарување на интернет. Притоа, нашата платформа овозможува, преку geo-tagging,  нарачателот да биде сигурен дека истражувачот навистина бил на местото и во времето каде и кога тврди дека го прибрал податокот.

    2

    Во моментов оваа платформа активно се користи од македонската канцеларија на УНДП за две нивни истражувања, а од комерцијалниот сектор активно се користи од еден македонски производител на храна и од еден производител на вино. Првите искуства ни говорат дека платформата е едноставна  и дека корисниците се задоволни од нејзиното користење. Исто така, добиваме и многу вредни забелешки за можни нови функционалности на платформата, кои веројатно ќе станат дел од една од следните надградби на Placeformer.

    Инаку, улогата на ФИТР беше многу важна во развојот на овој производ, заради тоа што во самиот зачеток, додека Placeformer беше само идеја, тие ја препознаа како вредна и ни помогнаа со тоа што преку нивната програма го финансираа развојот на производот во оваа почетна фаза на неговиот животен циклус.

    4

    - Placeformer e платформа за прибирање, обработка и прикажување на geo-тагирани информации за истражување на пазар преку crowdsourcing. За што поконкретно станува збор?

    Placeformer е наменет за компании кои сакаат да направат брзо истражување на пазарот, но и за институции кои сакаат да приберат и споделат со јавноста податоци од јавен интерес, а притоа им е важна и географската распределба на феноменот кој го истражуваат. Пример, некој производител на стоки за широка потрошувачка може да го искористи Placeformer да дознае како неговите производи се позиционирани во различни видови на продавници, да дојде до важни информации во кои области тие се добро или лошо позиционирани и да направи соодветна корекција на дистрибутивната стратегија.

    Некоја јавна институција, пак, можеби ја интересира во каква состојба се зелените површини во еден град, па ќе искористи мноштво истражувачи да дојде до ваквиот податок и врз основа на тоа да направи планови за нов пристап кон таа проблематика.

    Во следната година ќе работиме на изнаоѓање на партнер за глобално позиционирање на Placeformer, сега кога локално покажавме дека платформата е функционална и корисна. Очекувам дека за 2-3 години Placeformer би можел да биде позициониран во сите земји од ЕУ и во клучните пазари во развој надвор од Европа, како Африка и Југоисточна Азија.

    Четвртиот повик на Фондот за иноавации и технолошки развој за поднесување предлог проекти е во тек и ќе биде отворен до 03.05.2017 година.  За финансирање проекти под овој повик за инструментот кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“ обезбеден е вкупен износ од 450.000 евра, односно 27.762.345 денари, наменети за 15 старт-ап или спин-оф претпријатија, додека за Инструментот за кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации обезбеден е вкупен износ од 1.000.000.000 евра, односно 61.694.100 денари, наменети за 10 претпријатија.

    SHARE