JUKEBOX2 – апликација која дава нова димензија на забавите во вашиот омилен локал

    Jukebox2 е домашна платформа преку која посетителите се директни креатори на атмосферата и расположението во локалите каде што се забавуваат

    Jukebox2Jukebox2, идејата која го освои второто место на 6- тото издание на Startup Weekend Skopje 2016, ја доживеа својата официјална продукциска промоција и стана дел македонската ИТ сцена. Станува збор за сервис кој овозможува демократизација на музиката во локалите, односно платформа преку која посетителите се директни креатори на атмосферата и расположението.

    Идејата за создавање на еден ваков виртуелен џубокс произлезе од постојаната потреба за преглед на моменталните и планираните музички случувања во главниот град, но и пошироко. Речиси секогаш сме се запрашувале што значи „Retro Night“ или „Latino Hits“, односно каков ќе биде изборот на музичката листа во омилените локали кога не е планирана забава во режија на некој диџеј. Не ретко сме биле сведоци на постојано менување или недоразбирања кои песни и по кој редослед да ја обележат некоја приватна забава во сопствена режија. Сите овие ситуации беа доволна причина едно вообичаено попладневно кафе да го посветиме на разговор во контекст на изработка на проект кој ќе може да одговори на поставените предизвици. Како ИТ ентузијасти чија пасија секогаш била технологијата, одлучивме зимскиот период да го претвориме во процес на развој на веб и мобилно решение кое ќе овозможи „живот“ на нашата замисла за виртуелен џубокс. Вложувајќи голем дел од нашето слободно време, после четиримесечна работа се комплетираше иницијалната фаза и верзија, функционално решение претставено преку мобилна апликација и веб сајт замислен како платформа за менaџмент и администрација.

    Jukebox2-appОд кориснички аспект, проектот се состои од веб портал и мобилна апликација која моментално е достапна за корисниците на Android и iPhone. Менаџерите на локалите пристапуваат на веб порталот и имаат можност за креирање на настан со специфична музичка содржина, односно прикачуваат музички наслови кои се од поширок интерес и во контекст на идејата и мотивите на планираниот настан. Главната интеракција се случува на страната на корисниците на мобилната апликација кои имаат постојан преглед на листата на локали кои планираат забави. Иновативниот карактер ја подразбира можноста гостите на настаните да ги пребаруваат и да гласаат за омилените песни кои сакаат да ги слушнат. Гласањето на омилените песни е поврзано со модул кој прави автоматско ажурирање на редоследот на песните во реално време со што во основа се постигнува ефектот тие да се диџеи на моменталната забава и атмосфера во локалот.

    Од технички аспект, мобилната апликација е креирана и дизајнирана со помош на технологијата Xamarin.Forms, библиотека од Microsoft која овозможува креирање на изворни мобилни апликации со имплементација на единствен заеднички код напишан во програмскиот јазик C#.

    Jukebox2-logoПлатформата обезбедува едноставно преведување и дистрибуција на апликацијата на најпознатите мобилни оперативни системи: Android OS (Google Inc.), iOS (Apple) и Windows Phone (Microsoft). Веб апликацијата е интегрирана како модул кој е дел од главниот веб сајт на Jukebox2. Идејата е овозможување корисничка платформа за регистрација на локал, можност за креирање на настани и манипулација со музички содржини поврзани за самите настани. Во овој случај се користи Microsoft ASP.NET платформата за развој на веб апликации креирани според популарната Model – View – Controller практика (MVC). Генерално, станува збор за cloud – ориентирана платформа дизајнирана во согласност со дистрибутивниот моделот Software as a Service (SaaS). За потребите на хостирање на апликацијата се користат услугите на Amazon Web Services (AWS). Во рамките на имплементацијата на овој модул креирано е посебно API преку примена на Microsoft Web API 2, платформа која овозможува дизај и имплементација на HTTP сервиси достапни за голем број на клиенти преку интернет пребарувачите или мобилните апликации. Во основа, станува збор за посебен проект хостиран преку сервисите на популарната cloud платформа Microsoft Azure. Овој модул ја овозможува комуникацијата на мобилните клиенти, односно ги обезбедува сервисите за пристап, обработка и трансфер на податоците до главната база на податоци.

    Jukebox2-systemКако главни креатори на апликацијата, користејќи ги најновите технологии за развој на веб и мобилни апликации понудени од Microsoft, цврсто сме убедени дека идејата претставува нова димензија и невообичаено искуство кое ќе стане составен дел од дневниот и ноќниот забавен живот. Ваквото верување го потврди и успешната промоција на апликацијата која се случи на 4 јули во познатиот скопски кафе бар Vinyl.

    За користење на веб порталот на апликацијата не е потребен посебен вид на хардвер, ниту специфични софтверски инсталации затоа што сервисот и сите функционалности се достапни преку интернет пребарувачот на компјутерот. Единствена обврска на локалите е обезбедување на музички содржини кои се во согласност со постоечката законска реулатива, односно ги гарантираат авторските права на уметниците.

    Мобилната апликација е бесплатна и достапна за сите заинтересирани корисници, а во моментов сме фокусирани на подобрување на основниот дизајн и активирање на модули кои ќе го поедностават и збогатат корисничкото искуство. Официјалната промоција значеше одличен почеток и можност посетителите да го изразат своето мислење и идеи за понатамошен развој на постоечките, но и нови интерактивни функционалности.

    Тимот на Jukebox2 напорно работи на исполнување на сите кориснички очекувања и во периодот кој следи најавуваме официјално претставување на комплетниот бизнис модел и имплементација на идејата низ локалите во Македонија, но и пошироко. Во моментов апликацијата успешно функционира во кафе барот Vinyl во Скопје, а свое место за многу брзо ќе добие и во уште неколку локали низ земјата.

    SHARE