Microsoft е најдобриот партнер во дигиталната трансформација на компаниите

    Во интервју за Иновативност, генералниот менаџер на Мajкрософт за Македонија и Косово- Љупчо Георгиев зборува за улогата на компанијата во процесот на дигитална трансформација на компаниите, за активностите во Македонија и за многу дуги актуелни теми од светот на технологијата!

    DSC_5166-3- Во последно време актуелни се организираните хакерски напади од кои беа погодени големи компании и организации чии што податоци беа загрозени. Што се случува на ниво на дигитална трансформација на бизнисите? Како Microsoft го следи овој процес?

    Постојат неколку сегменти во кои Microsoft работи, а би ги споменал последниве настани со сајбер нападите кои станаа доста актуелни. Сегментот на безбедност е сегмент на кој Microsoft внимава многу. Најновите настани со големите хакерски напади го актуелизираат прашањето како да се справиме со ваквите напади, што претставува еден од условите на дигиталната трансформација. Доколку процесот на дигитална трансформација се имплементира без да се посвети внимание на сигурноста и безбедноста, може да настанат многу несакани моменти, како што се последниве напади. Наш приоритет е да се направи добра основа за дигитална трансформација, а еден од чекорите е поголема употреба на cloud технологии од страна на компаниите.

    Други сегменти во кои Microsoft интензивно работи се machine learning и вештачка интелигенција, односно промовирање на алатки од овие сегменти кои помагаат при дигиталната трансформација.

    - Зошто одбравте токму оваа тема да ја промовирате пред македонската бизнис публика на последната конференција Визија?

    Оваа тема ја одбравме бидејќи станува збор за нов стандард кој не може да се запре. Тоа е нова технологија која сериозно навлегува низ цел свет. Луѓето започнуваат дигитално да се трансформираат и да комуницираат, особено под големото влијание од социјалните мрежи. Новата генерација веќе е дигитално транформирана бидејќи се’ повеќе користи апликации и алатки во дигиталниот свет. Тоа значи и поинаквно комуницирање и водење на бизнис. Microsoft има алатки кои можат да се употребат во тој сегмент. Со користење на ваквите аналитички алатки, веднаш може да се препознаат природата и навиките на клиентот што ќе го олесни водењето на бизнисот.

    DSC_5170- Колку македонската бизнис заедница е подготвена да ги прифати овие нови трендови?

    Знаеме за многу малку големи компании кои работат на ваков начин и ги користат алатките. Компаниите кои се релативно млади, како што се стартапите, интензивно работат на ваков начин и верувам дека за неколку години ќе ги надминат големите компании токму поради новиот дигитален пристап при работењето. Колку побргу компаниите ги разберат предностите на дигиталното работење, толку полесно ќе го адаптираат својот бизнис. Оние кои ќе се адаптираат побргу на новата околина, побргу ќе креираат приходи и ќе растат.

    - Колку традиционалните компании се адаптираат на овие трендови? Постојат ли поместувања кај овие индустрии на македонскиот пазар?

    Секако дека има примери на компании кои почнаа да ги согледуваат предностите на дигитализацијата. Би го посочил имплементирањето на CRM системите кои им помагаат на компаниите да ги проценат и услужат подобро своите клиенти.
    Во угостителската индустрија се имплементираат системи кои овозможуваат побрзо процесирање на нарачките со цел клиентот да биде подобро услужен. Банките на пример, најчесто се предвесници на овие промени и тие добро се снаоѓаат во дигитализацијата. Во секоја индустрија има по некоја компанија која веќе го сфатила ова и токму тие најбргу ги применуваат трендовите и напредуваат. Факт е дека е потребно време, но потребен е и менаџерски тим кој умее да ги препознае предностите.

    - Колку македонските компании напредуваат во тој поглед во регионален или пак во еден поширок контекст?

    Тешко е да се даде дефинитивен одговор на ова прашање, но со сигурност можам да кажам дека не сме лидери. Но сепак постојат позитивни примери, повторно ќе кажам, компании кои навистина ги увиделе предностите на дигиталната трансформација. Она што најпрво треба да се направи е компаниите всушност да разберат што точно претставува дигиталната трансформација.
    Дигиталната трансформација значи прилагодување на новите барања и трендови кои базираат на Интернет комуникацијата и дигиталниот свет. Сите информации кои порано беа допирливи и ги имавме околу денес, сега се дигитализираат и се сместуваат на облак. Кога сите овие информации ги имаме зачувано во облак и ни се достапни во секое време, многу лесно и за кратко време можеме да правиме анализа на податоците.

    Дигиталната трансформација значи прилагодување на новите барања и трендови кои базираат на Интернет комуникацијата и дигиталниот свет

    - Како компанија-светски лидер може ли да ни кажете кои услуги и производи ги нуди Microsoft во однос на дигитална трансформација?

    Прво би го споменал самиот Windows 10, понатаму Office 365, за аналитика постои Power BI, за IRP решенија постои Microsoft Dynamics итн. Microsoft е многу променет и ако порано беше ориентиран кон креирање производи кои се добиваат со лиценца, денес е фокусиран на креирање на решенија. Ние сакаме да им помогнеме на нашите клиенти постојано да растат и да напредуваат, а тие ќе сакаат секогаш да соработуваат со нас.
    Нашите производи можат да се набават преку некој од нашите партнери. Инаку секогаш сме фокусирани на тоа да им помогнеме на клиентите и редовно организираме и отворени денови, најчесто во четврток, кога на клиентите и партнерите им даваме совети и консултации во однос на дигиталната трансформација.
    Најмногу сакаме да придонесеме кон поголема едукацијата и градење на свесност кај луѓето. Сметаме дека недоволното користење на алатките кои ни го олеснуваат животот и работата е резултат на недоволната едуцираност за нивните предности.
    На приме, сите ги знаат алатките на Office 365, меѓутоа многу малку ја користат алатката Power BI која има способност да ги земе податоците од Excel, да ги анализира и за три минути да генерира презентација во Power Point. Ако успееме да го подигнеме нивото на едуцираност, напредокот ни е загарантиран.

    DSC_5176- Дали Microsoft нуди производи и услуги наменети за средни и мали компании?

    Постојат многу такви услуги бидејќи Microsoft особено сака да им помогне на малите и средни компании. Им помагаме со цел да стекнат нова динамика на работење откако ќе се развијат и ќе пораснат. Би сакале да го пробиеме она табу дека решенијата на Microsoft се премногу скапи и само големите компании можат да си ги дозволат. Напротив, со фокусот ставен на креирање решенија, ние сме заинтересирани да ѝ помогнеме на секоја компанија која ќе посака да ги користи нашите решенија.
    Во соработка со нашите партнери продолжуваме да ги организираме настаните кои ги имавме и до сега каде ги промовираме и ги нудиме нашите решенија. Имаме идеја од оваа година нашата конференција да го носи името Визија 365 која би се одржала во октомври или ноември. Го користиме бројот 365 бидејќи нашата желба е секој ден од годината да им помагаме на сите околу нас.
    Последната конференција беше одлично прифатена и забележа навистина голем успех. Увидовме дека на македонскиот пазар односно на македонските компании им е потребна една ваква конференција која не е наменета само за IT компаниите. Позитивните реакции навистина не’ поттикнаа не само да организираме ваква конференција уште еднаш, туку и да презентираме нови решенија кои ќе им помогнат на нашите клиенти и партнери.

    - Како Microsoft како една глобална компанија се адаптира и иновира во време кога брзината на компаниите да се адаптираат на пазарот веќе стана императив?

    Microsoft сака да ги следи сите промени и идејата на компанијата не е да работи во секое поле, туку да онаму каде што е најдобра. Компанијата има доволно ресурси и знаење да креира решенија кои се ефикасни. Сакаме да бидеме најдобри во она што го знаеме и токму во тоа поле инвестираме и се прошируваме.

    SHARE