Стефан Јовановски: ВИП поттикнува развој на квалитетни поединци кои градат силни тимови!

Македонската асоцијација за човечки ресурси неодамна го прогласи најдобриот менаџер за човечки ресурси за 2016 година. Тоа е Стефан Јовановски од Вип, а добивањето на оваа престижна награда е повод Иновативност да поразговара со него

stefan- Вие сте прогласен за најдобар менаџер за човечки ресурси за 2016 година од страна на Македонската асоцијација за човечки ресурси. Што лично за Вас значи оваа награда?

Големо признание за навистина сложената, неизвесна и тешка задача со која се соочив на крајот на 2015та и цела 2016та година, од една страна, но и одговорност да ја оправдам пред целата HR заедница и моите колеги во Вип. Искрено, овој избор на Aсоцијацијата за мене беше уште една потврда дека имаме навистина сериозно здружение на HR професионалци кое објективно и сериозно ги следи своите членови и состојбите за HR практиките во Македонија. Успехот е и на целиот менаџмент тим кој успева да ги пренесе и поддржи насоките на стартегијата за управување на човечки ресурси, но и на сите вработени – сите кои сме дел од Вип тимот, второто семејство на секој од нас.

19-годишното искуство во оваа професија ми даде можност постепено да се надградувам и да се развивам. На почетоците доминантно работев во делот за плати и бенефиции, обезбедување и предвидување на буџет, материјални и нематеријални награди на вработените и слично и тоа како извршител и раководител. Во последните 7 години раководам со се што значи HR практика. Кај сегашниот работодавец сум веќе15 години што ми овозможи да стекнам искуство низ сите можни предизвици што ги нуди пазарот и индустријата. Ја имав привилегијата да се стекнам со многу дополнителни формални и неформални знаења од HR областа , а соработката со врвни менаџери во мојата кариера со кои сеуште сум во контакт, даде голем придонес во мојот професионален развој за што сум особено благодарен.

- Минатата година беше година на големи предизвици за компанијата. Какви беа предизвиците со кои се соочивте при поттикнувањето и одржувањето на задоволството на вработените?

Вип беше далеку најсложена операција и најсложен настан во бизнис животот во Македонија во 2016та година. Требаше да се спојат 3 компании кои до тој момент се натпреваруваа на пазарот. Бевме исправени пред големиот предизвик на спојување, а во таа смисла не само оперативно и технички туку и според мене, пред спојување на  најсуштинскиот дел и на најважата инвестиција на една компанија – човечките ресурси. Тоа реално беше предизвик и за самите вработени. Во такви услови, мојата улога беше од клучно значење бидејќи во огромен број на практични ситуации јас морав да правам избори за доброто на компанијата.

stefan2Лично за мене предизвикот беше уште поголем бидејќи го носев товарот на менаџер кој доаѓа од една од поранешните компании и опасноста за субјектвизам , но искуството, поддршката од менаџментот и разните алатки кои ги применувавме ми даваа потврда дека сме на вистинскиот пат, да градиме компанија со задоволни вработени. Ги користиме сите алатки кои се познати во оваа област, некогаш специјално креирани за нас, некогаш преземени од Телеком Австрија Групацијата, некогаш од консултантска куќа, секако секогаш прилагодени на конкретните потреби на компанијата и вработените. Организиравме голем број на настани, работилници за јакнење на тимот, иновации кои имаа за цел да обезбедат дружење на вработените, нивно подобро запознавање и зголемување на свеста дека спојувањето е неминовен процес кој ќе донесе резултати за добро на сите нас. Го испитавме мислењето на вработените и според нивните одговори исполнивме најголем дел од очекувањата што беа искомуницирани уште на првиот ден од спојувањето.

Транспарентното интерно информирање, постојани тренинзи и размена на искуства во рамките на Кластерот и Групацијата, но и дружењето и вклучувањето на вработените во различни активности на компанијата надвор од редовните обврски, спортските активности придонесува кон задоволство на вработените што секако ќе значи добар резултат и за компанијата во целост. Предизвици има секојдневно и постојано, но тоа не поттикнува да одиме понатаму.

- Сите релевантни анализи покажуваат дека успехот на една компанија во голема мерка зависи од луѓето/тимот и нивниот капацитет и мотивираност успешно да се заврши работата. Какво е вашето искуство во овој поглед?

Раководителот треба да се свесен дека го држи клучот на мотивираноста на вработените. Она што го научив сиве овие години е дека мотивацијата и позитивната клима не се создава само преку редовна исплата на плата или бонуси, туку е индивидуална работа и дека секој вработен има нешто специфично кое е двигател за него лично. Раководителот е клучната карика кој треба да се потруди за да го запознае секој еден член на својот тим, да посвети доволно внимание на потребите и сигналите што ги праќа во својата околина. Во спротивност се јавува една честа грешка, а тоа е пристапот на раководителот кој тргнува од сопствени мотивациски потреби.

Затоа големо внимание посветуваме на стимулирање на тимската работа, градење доверба меѓу вработените и раководителите што не носи до главната задача на одделот за човечки ресурси , а таа е да се грижи и да ги негува овие вредности и придобивки, да помогне во изградбата на поединиците и на тимот во целина. Оттука значајни чекори правиме кон развивањето на нашата корпоративна култура и градење на нашите корпоративни водечки принципи и вложуваме во создавање и задржување на поединци кои градат силни тимови.

stefan3- Кои се најновите инвативнни пристапи во HR областа во светски рамки? Колку од нив ги применувате во ВИП?

Вип е компанија која по мојата перцепција има многу напредни HR практики пред се заради големиот фокус што групацијата го има кон вработените. Имаме можност да споделуваме искуства и практики со сите компании во групацијата. Она кон што се фокусираме постојано се обуките кои овозможуваат на нашите колеги да придонесат кон остварување на супериорен квалитет во односот со корисниците, било да се работи во однос на производите и услугите, во однос на иновативноста, корисничката грижа, специфичните технички прашања, но и во однос на развивање специфични деловни вештини кои ќе помогнат во градењето на кариерите и компаниското знаење. Во таа насока, неодамна ја промовиравме Saba e-learning платформата која има повеќе од 2.000 курсеви до кои сите вработени имаат пристап во секое време и може да се надоградуваат во сите области за кои сметаат дека имаат потреба.  Имаме густа шема на настани и активности кои значат социјализација и дружење на вработените во и надвор од работното време.

Групацијата обезбедува идентификација и развој на млади потенцијали кои можат да напредуваат во сите сегменти на бизнисот. Исто така поттикнува преприемнички дух и стимулира развој и усовршување на бизнис идеи. Имаме развиена мрежа на внатрешни огласувања и трансфери, така што шансите за замена и доаѓање на нова интересна позиција се големи. Во сорабока со еден консултант, на прагот сме на усвојување на една низа процедури кои значат уважување на семејниот живот на вработените, како и на мајчинската улога на вработената. Ова ќе значи поголеми погодности во поглед на работното време, работа од дома, воведување на банка на работни часови и сл.

- Како може да се добие работа во Вип?

Фактот дека просечната возрасна старост е 35 години ја квалификува Вип како компанија на млади професионалци што значи дека имаме врвен кадар, регрутиран стандардно по пат на оглас или во соработка со факултетите кои се релевантни за телекомуникацискиот бизнис. Користиме професионални алатки за регрутирање и селекција кои ни се на располагање. Кандидатите поминуваат и по неколку тестови и интервјуа при процесот на селекција во зависност од позицијата за која аплицираат. Покрај образованието, социјалните вештини, иновативноста и ентузијазмот се фактори кои влијаат да се стане дел од тимот на Вип.

Last but not least

Имав среќа што раководам со добри луѓе и вистински професионалци, ТИМ кој е постојано на висина на своите работни задачи, без да се штеди себеси да ги постави HR темелите на новата компанија. Колегите се надминаа себе си во желбата за исполнување, посветеноста кон работата и спремноста за стекнување на нови искуства. Периодот зад нас не направи побогати за знаења и вештини, кои сме спремни да ги аплицираме во рамките на идните очекувања но и да ги пренесеме на други кои ќе се соочат со слични предизвици.

SHARE