Венера Крлиу-Ханџиски: нашата едукативна мисија ја прошируваме со средно училиште „Американска гимназија Скопје“

    Интервју со д-р Венера Крлиу-Ханџиски, директор на приватно средно училиште „Американска гимназија Скопје“. Разговаравме за отворањето на новото средно училиште, принципот на работа и компаративната предност на истото во однос на останатите средни училишта во Македонија

    Venera Krliu- Најново во Вашето работење е отворањето на средно училиште. Кажете ни детали – од кога ќе почнете со работа, како ќе се вика, какви наставни насоки ќе има, на кој јазик ќе се учи?

    Како лидер во приватниот високообразовен сектор во Македонија, Универзитет Американ Колеџ Скопје ја шири својата дејност и ја продолжува својата успешна приказна преку отворање на приватно средно училиште „Американска гимназија Скопје“ (American High School Skopje – AHSS). Станува збор за вертикална интеграција на нашите деловни активности, и застапеност во уште еден сегмент во образовниот процес, кој ќе помогне да изградиме млади луѓе, подготвени да се соочат со идните предизвици на личен и професионален план.

    Основна цел на средното училиште е да ги подготвува учениците за стекнување на знаења и развивање на вештини и способности, кои ќе им помогнат при нивното понатамошно образование на високообразовните институции во државата и странство.

    Наставата во „Американска гимназија Скопје“ во учебната 2017/2018 година ќе започне на 1 септември. Истата ќе се изведува исклучиво на англиски јазик, во мали групи од 20-25 ученици, што ќе овозможи индивидуален пристап кон учениците, како и поактивно учење и разбирање. За наставниот процес ќе се погрижи искусен наставен кадар, односно истакнати стручњаци од практиката, универзитетски професори и педагози. Со употреба на најсовремени наставни техники, методи, помагала и образовна технологија, ќе помогнеме во процесот на развивање на физичките и интелектуални способности на учениците, со цел критично размислување, анализа, синтеза, проучување, истражување и втемелување на нивните вредности како личност.

    AHSS_Instagram- Од каде дојде идејата? Зошто портфолиото од високо образование го збогатувате и со средно?

    Согледувајќи ја потребата за нудење на квалитетно приватно средно образование во Македонија, се роди идејата за основање на средно училиште кое ќе посвети внимание на секој ученик поединечно, ќе овозможи поинаков и посовремен пристап во наставата и стекнување на потребните знаења и вештини преку забавен, поинтерактивен, и пред се, иновативен начин.

    Исто така, нашето досегашно искуство на УАКС не има поучено дека голем удел во припременоста на студентите за високото образование, нивниот капацитет за прилагодување како и стекнување нови вештини, многу зависи од нивното претходно формативно образование.

    Во „Американска гимназија Скопје“, применуваме систем во кој учениците се стекнуваат со конкретни знаења по предметите, а не со апстрактни и непотребни информации. Благодарение на признаената диплома од страна на Министерството за образование и наука на РМ и наставата на англиски јазик, по завршување на средното образование, учениците несомнено ќе можат да продолжат со високо образование на универзитетите во државата и странство.

    - Што покажуваат анализите од терен? Колку луѓето во Македонија се заинтересирани средното образование на своите деца да го комплетираат во приватни училишта?

    Она што одсекогаш било предизвик на македонската образовна сцена е да се уверат родителите како и потенцијалните ученици и студенти дека приватното образование е на исто, па дури и понапреднато ниво на квалитет. Сите приватни компании, организации, инситтуции се стремат кон исполнување на ветувањата кон своите клиенти, при нудење на одредена конкуретна предност како и квалитет. Во моментов, родителите бараат нешто што е барем за нијанса поразлично, односно образовние кое е во тек со најновите трендови во оваа сфера.

    Со огромно задоволство можам да истакнам дека голем процент на родители сериозно размислуваат по завршување на основното образование, нивните деца да бидат дел од приватен образовен процес, кој ќе понуди не само знаење, но и ќе поттикне развој на креативниот дух на учениците. Воедно, преку нудење на програма за талентирани ученици, во „Американска гимназија Скопје“, настојуваме да им помогнеме на оние кои ќе се истакнат со особен интерес во одредени области и кои ќе сакаат да се надоградуваат себеси. Тие ќе следат настава на напредна наставна програма, која не се разликува од основната, освен изучувањето на одредени наставни содржини на понапредно ниво, кое што обезбедува подобра подготвеност и пласман при уписот на високообразовните институции.

    - Кои се вашите компаративни предности во однос на другите приватни средни училишта?

    Нашата цел е по завршување на часовите, учениците да ги завршат своите домашни и проектни задачи во просториите на училиштето, со цел потоа да можат да се посветат на своите секојдневни активности: спортување, посетување на одреден курс, средба со пријателите и слично.

    Секако дека и во рамки на наставата ќе бидат вклучени голем број на активности кои би биле од интерес за студентите со цел на исполнување на нивните креативни потреби. При тоа, тие ќе бидат вклучени во разни спортови од нивен интерес, културолошки настани и креативни работилници.

    Воедно, за квалитетот на наставниот процес ќе се погрижи Меѓународен средношколски совет, чија улога е споделувањето на меѓународни знаења и искуства од практиката, како и давање на совети за подобрување на тековниот оперативен процес на наставата. Нашите професори ќе се погрижат предавањата да бидат изведувани со помош на најсовремени наставни алатки, во согласност со современите случувања во дигиталниот свет. Притоа во наставата ќе бидат вклучени и голем број гости предавачи како и посети на различни институции со цел реално да се долови материјата која се изучува.

    Бидејки наставата ќе се одвива на англиски јазик, книгите и учебниците се од истакнати глобални издавачки куќи, а она што е најдобро и најпогодно за учениците, е дека тие ќе имаат електронски пристап до наставниот материјал 24/7 преку нашата онлајн платформа за учење.

    Сето ова е воедно дел од нашиот процес за стекнување на меѓународна акредитација којашто уште повеќе ќе придонесе во утврдување на квалитетот кон кој ние се стремиме. Со тоа, учениците ќе имаат можност и да бидат дел од програмата за меѓународна матура (International Baccalaureate – IB). Една од најголемните предности е можноста за слушање на предмети од напредно ниво (Advanced Placement – AP) коишто овозможуваат признавање на освоените кредити како дел од академска програма на универзитет.

    venera krliu handjiski- Се повеќе во денешно време се зборува за применливо знаење, за потреба од поседување конкретни вештини наспроти дипломи. Како ќе делувате и работите во поглед на ова? Како ќе се работи и учи во ова средно училиште?

    Во принцип, средното образование нема претрпено многу големи промени во изнинатите години, и наставната програма е онаа која што ја пропишува надлежното Mинистерство. Согласно тоа, нема поголем простор за поголем избор во предметите кои се изучуваат. Меѓутоа, она што всушност е од најголемо значење е не самото изучување на предметите и нивната содржина, туку способноста да им се дозволи на учениците интердисциплинарно да умеат да ги поврзат суштинските знаења и она за што се тие конкретно заинтересирани и надарени. Токму таа способност произлегува од начинот на кој е пренесена материјата, односно, вештините кои може да се употребат во секое време и при секој предмет.

    Ова е секако една од нашите главни цели, преку интерактивната настава, проектните активности и партиципативната метода на учење учениците да се стекнат со вештини кои ке можат да ги употребат не само во наставата туку и во понатамошниот живот.

    -Колку ученици очекувате да се запишат во првата генерација?

    Во првата генерација на ученици на Американска гимназија Скопје, очекуваме упис на 20-25 ученици.

    -Каде да се обратат сите заинтересирани?

    Сите заинтересирани можат да го контактираат координаторот, Соња Филиповска на admissions@ahss.edu.mk или пак на +389 2 2469 993,  да ја посетат нашата официјална веб страница за подетални информации (www.ahss.edu.mk), како и да не посетат во нашите простории на бул. Трета македонска бригада бр. 60 (објект на Универзитет Американ Колеџ Скопје, 2-ри кат).

    SHARE